Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е основана во 2009 година. Правната рамка за воспоставување и функционирање на Агенцијата е пропишана со Законот за супервизија на осигурување. Агенцијата има својство на правно лице и за својата работа одговара пред Собранието на Република Северна Македонија.
Орган на управување нa Агенцијата е Советот на Експерти кој се состои од претседател и 4 члена.
Законските надлежности на Агенцијата се однесуваат на:
- Спроведување на супервизија над друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурителните брокери и застапници, правните лица кои се поврзани со друштвата за осигурување и Националното биро за осигурување, како и
- Издавање и одземање дозволи, согласности и лиценци, изрекување супервизорски мерки, донесување подзаконски акти и давање предлози за донесување на закони, членување во меѓународни асоцијации од областа на осигурувањето, соработување со други надзорни органи и поттикнување на развојот на осигурувањето.
Мисија на Агенцијата Агенцијата за супервизија на осигурување е основано како независно регулативно тело со надлежности и овластувања да се грижи за законско и ефикасно функционирање на пазарот на осигурување, со цел заштита на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги. Оваа цел Агенцијата ќе ја постигне преку креирање на модерен и ефикасен осигурителен сектор, кој ќе нуди квалитетни осигурителни услуги и ќе даде значителен придонес за понатамошен развој на финансискиот сектор во земјата.
Основни принципи Одговорност - Агенцијата ќе реагира на брз и разбирлив начин, и доследно ќе ја реализира мисијата и стратешките цели во областа на супервизијата; Стручност - Сите активности поврзани со надлежностите на Агенцијата ќе бидат превземани на начин кој ќе обезбеди ефикасно остварување на стратешките цели, согласно највисоките стандарди во областа и разумно направени трошоци; Совесност - Во спроведување на своите активности Агенцијата се раководи од највисоките етички стандарди во комуницирањето и соработката со сите учесници, во постапката на супервизија; Транспарентност - Пласирање квалитетни информации за пазарот на осигурување како и обезбедување со навремени информации за потребите на учесниците и корисниците на осигурителните услуги.
|