Агенцијата за супервизија на осигурувањето го одбележа Денот на осигурување со пригодна свеченост која се одржа во Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Скопје. На овој свечен настан беа поканети високи државни претставници, претставници од осигурителната индустрија и претставници од различни институции и тела со кои Агенцијата има професионална соработка. Во своето обраќање претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, д-р Климе Попоски, истакна дека во услови на актуелната должничка криза Македонија има еден од најдинамичните пазари во регионот, наспроти тоа што најголем дел од половината од земјите од Југоисточна Европа остваруваат негативни стапки на раст на пазарот на осигурување. Воедно, пазарот на осигурување во Македонија е стабилен со умерена концентрација, која овозможува дејствување на пазарните механизми и висок степен на исполнување на минималните барања. Исто така, г. Попоски истакна дека во периодот што следува најголем предизвик на Агенцијата ќе биде заштита на потрошувачите и во таа насока и ќе се донесуваат нови подзаконски акти кои ќе се однесуваат на заштитата на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги што всушност е и еден од главните приоритети на Агенцијата.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој присуствуваше на свеченоста, здравиот финансиски систем е услов за ефикасна алокација на ресурсите и трајна доверба во финансиските институции. Затоа во земјава континуирано се вложуваат напори за јакнење на финансискиот систем преку обезбедување на подобра регулативна рамка, прудентна супервизија и ефикасна заштита на потрошувачите, истакна г. Ставрески, поздравувајќи го успешното тригодишно работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Исто така, г. Ставрески во своето обраќање објасни дека пазарот на осигурување во Р. Македонија во последниве три години се карактеризира со постојан раст кој се очекува да продолжи и во следните години , а ваквиот резултат пред се сé должи на здравите макроекономски политики, добро дизајнираната регулатива и ефикасната супервизија.
Г. Трајче Латиновски, главен извршен директор на ТРИГЛАВ осигурување АД Скопје и претседател на Здружението на осигурување при Стопанската комора на Р. Македонија го поздрави промовирањето на 1-ви Ноември како Ден на осигурувањето во Р.Македонија и изрази надеж за оформување на професионално здружение на осигурителниот бизнис, кое ќе продолжи да ги организира активностите за одбележување на Денот на осигурување Во рамки на прославата беше доделена награда за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик. На Конкурсот беа пријавени 5 трудови за наградата за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик која годинава му беше врачена на д-р Јордан Ќосевски, за трудот на тема: Влијанието на осигурувањето врз економскиот раст: случајот на Република Македонија.
Г. Волфганг Рорбах, професор на универзитети во Австрија и Унгарија, во своето обраќање на свеченоста, го истакна значењето на историјата на осигурување во однос на поимањето на концептот на осигурување и управување со ризици, при што посебно се осврна на историјата на осигурувањето на Балканот. Во рамки на настанот, Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија организира изложба во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. На изложбата се поставени полиси поврзани со историскиот развој на осигурувањето во нашата земја, како и разновидни публикации и литература во врска со осигурувањето и управувањето со ризици. Исто така, на изложбата се достапни промотивни материјали кои го изготви Агенцијата со цел едукација на јавноста и подигнување на осигурителната култура во Република Македонија. Изложбата е поставена во фоајето на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и ќе биде отворена во периодот од 01.11.2012 година до 14.11.2012 година.
Дополнително, Агенцијата промовираше и промотивни материјали за осигурување на живот и осигурување на домаќинство, со цел да се придонесе кон зголемување на јавната свест за улогата на осигурувањето во приватниот и општествениот живот. Флаерите содржат податоци за основните поими кои се користат во осигурувањето, како и подетални објаснувања на овие два вида на осигурувања- осигурување на живот и осигурување во домаќинството. |